Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Источен плански регион – претставник од здруженијата, со мандат од 4 (четири) години

Врз основа на член 21 став 7 – 15  од Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на РСМ“ бр.24/21 и 174/21), член 2 став 1 алинеа 19 и член 6 став 1 од Деловникот за работа на Советот за развој на Источен плански регион бр.02-206/1 од 29.06.2021 година, Советот за развој на Источен плански регион распишува:

Јавен повик
за избор на член во Советот за развој на Источен плански регион – претставник од здруженијата, со мандат од 4 (четири) години

Основни критериуми за избор на член – претставник од здруженијата во Советот за развој на Источен плански регион се:

  • правните лица, апликанти да бидат регистрирани најмалку две години, со седиште и делување на подрачјето на општина во состав на планскиот регион,
  • правните лица, апликанти согласно со Статутот на организацијата да делуваат во областа на локалниот и на регионалниот развој и
  • правните лица, апликанти да имаат имплементирано најмалку два проекти од областа на локалниот и регионалниот развој.

Членот – претставник од здруженијата во Советот за развој на Источен регион се избира со мандат од 4 (четири) години и нема право на глас.
Рок за пријавување: Јавниот повик е отворен до 10.12.2021 година.

Заинтересираните правни лица / апликанти да достават документи со кои ќе докажат дека ги исполнуваат критериумите за избор наведени во Јавниот повик и тоа задолжително:

  • Пријава по Јавниот повик во која се наведени податоци за правното лице / апликант (полн назив и контакт податоци) и контакт податоци за овластеното лице, со потпис на овластено лице и печат на правното лице, во оригинал;
  • Тековна состојба од Централен регистар не постара од 6 месеци сметано од крајниот рок за аплицирање по јавниот повик наназад, во оригинал;
  • Статут на организацијата, во фотокопија;
  • Потврди/препораки со кои се докажува дека правните лица – апликанти имаат имплементирано најмалку два проекти од областа на локалниот и регионалниот развој, во фотокопија.

Пријавите по Јавниот повик со потребните документи да се достават до Архивата на Центар за развој на Источен плански регион – Штип, на адреса ул.„Ванчо Прќе“ бр.119, кат 2, 2000 Штип, со назнака: „Пријава по Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Источен плански регион – претставник од здруженијата“.

Пријавите испратени по електронска пошта или факс нема да бидат земени во предвид.

Нецелосната документација и документацијата доставена по истекот на рокот за аплицирање нема да биде разгледувана.

Лице за контакт за јавниот повик: Катерина Василев тел:032386408; 032386409.

Врз основа на јавниот повик, комисија за спроведување на Јавниот повик ги разгледува доставените пријави и составува листа на здруженија кои ги исполнуваат критериумите од огласот.

Пријавените кандидати кои ги исполнуваат критериумите од јавниот повик, со мнозинство гласови одлучуваат кој од нив ќе ги претставува во Советот за развој на Источен плански регион, на состанок организиран од претседателот на комисијата за спроведување на јавниот повик во рок од 15 дена од денот на завршување на јавниот повик.

Претседателот на комисијата за спроведување на јавниот повик упатува официјална покана до здруженијата кои се пријавиле на јавниот повик.

Поканата се објавува на веб-страницата на Центарот за развој на Источен плански регион (www.eastregion.mk) најмалку три дена пред датумот на одржување на состанокот.

Совет за развој на Источен плански регион
Претседател,
Иван Јорданов

Одржана Конститутивна Седница на Советот за развој на Источен плански регион

Советот за развој на Источен плански регион, на ден 19.11.2021 година, во Мултимедијалниот Центар „Киро Глигоров„ во Штип, ја одржа Конститутивната Седница.

По конституирањето на Советот за развој на Источен плански регион, Советот за Претседател го избра Г-дин Иван Јорданов – Градоначалник на општина Штип.

Советот донесе и Одлука за отпочнување на постапка за избор на претставник од бизнис заедницата за член во Советот за развој на Источен плански регион, со мандат од 4 (четири) години, без право на глас и Одлука за распишување на Јавен повик за избор на член во Советот за развој на Источен плански регион – претставник од здруженијата, со мандат од 4 (четири) години, без право на глас.

Галерија

Регионален саем за социјално претприемништво во Источен плански регион

Центарот за развој на Источен плански регион како регионална точка за поддршка на социјални претпријатија, на 18ти ноември (четврток) на Градскиот плоштад во Штип го организираше првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Источниот регион.

На саемот, во организација на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, своите производи и услуги ги презентираа и понудија 20 социјални претпријатија и граѓански организации кои се занимаваат со некоја економска активност.

Проектот „Поддршка на социјално претприемништво“, поддржан од Европската Унија, има многу важна улога во спроведувањето на концептот на социјалното претприемништво како алатка за социјална инклузија и одржлив локален развој во земјава. Проектот го спроведува Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Саемот е дел од серијата промотивни настани за социјалните претпријатија кои ќе се одржат во сите региони низ земјава.

На инфо средбата присуствуваше  градоначалникот на општина Штип г-дин Иван Јорданов, г-ѓа Барбара Садовска, тим лидер на проектот, раководителот на ЦРИПР г-ѓа Зујица Ангелова како и претставници од локалните самоуправи, јавни институции од регионот, социјални претпријатија, НВО и сл.

Галерија

Инфо средба во врска со претстојниот саем за социјално претприемништво во Источен плански регион

Центарот за развој на Источен плански регион како регионална точка за поддршка на социјални претпријатија, проект поддржан од страна на ЕУ, организира средба со заинтересираните страни од регионот за запознавање со идните активности. Во периодот што следува Центарот за развој на Источен плански регион ќе организира серија на обуки и семинари поврзани со социјално претприемништво, саеми за промовирање на социјални претпријатија, како и ќе спроведе грантова шема за организации / институции кои што работат во полето на социјална политика. На инфо средбата присуствува и г-а Барбара Садовска, тим лидер на проектот, како и претставници од локалните самоуправи и јавни институции од регионот.

Галерија

Склучен договор за изградба на пристапен пат до oбработливи земјоделски површини во с.Вирче – општина Делчево

Земјоделието е една од основните економски гранки во Источниот плански регион. Поддршката на земјоделието и подобрување на инфраструктурата поврзана со пристапот до земјоделски, обработливи површини претставува приоритет во среднорочниот плански документ, Програмата за развој на Источен плански регион 2021-2026. Центарот за развој на Источен плански регион од Штип и Друштво за производство и градежништво СД-ТРАНС ДООЕЛ Славе, извоз-увоз, с.Звегор Делчево, на 17.09. 2021 година, склучија Договор за изведба на пристапен пат до обработливите површини во атарот на с. Вирче во општина Делчево. Со изградбата на овој пристапен пат ќе се овозможи полесен пристап на земјоделците до обработливите површини кои се во непосредна близина. Должината на патот е 1000 метри со широчина од 4,5 метри. Вредноста на Договорот изнесува 1.534.532,42 денари. Изведувачот на работите е воведен во работа на 27.09.2021 година. Се очекува работите да завршат во рок од 3 месеци. Средствата за реализација на договорот за јавна набавка, се обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021, преку Програмата за капитални субвенции за развој на планските региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година.

Галерија

Признание за највисок реализиран буџет преку спроведени проекти во 2020 година

На 13.09.2021 година во винаријата Сопот се одржа свечен настан во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ за доделување на признанија на Центрите за развој на планските региони, согласно политиките на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка за зголемување на транспарентноста во работењето. Центарот за развој на Источен плански регион се здоби со признание за највисок реализиран буџет преку спроведени проекти во изминатата година. Се реализираа повеќе од 20 проекти од различни области, на територија на повеќето општини од Источниот плански регион, чија вредност надминува 150 милиони денари. 2020 беше исклучително тешка година во секој поглед, имајќи ги во предвид предизвиците со кои што бевме приморани да се соочиме и прилагодиме, предизвикани од здравствената пандемија со Ковид-19. Овој факт говори уште повеќе во полза на признанието кое ни беше доделено, дава поголема тежина, одговорност и сатисфакција на работата која што ја вршиме, потврдува дека сме на вистинскиот пат кон остварување на мисијата за одржливо развивање на Источниот плански регион со задоволни и среќни луѓе. Разновидноста на проектите потврдува дека секогаш се трудиме да опфатиме што поголем број на области од значење за регионот, да дадеме свој придонес во решавање на проблеми со кои се соочуваат нашите сограѓани, а преку алатките на партиципативност и транспарентност заеднички со Советот за развој на Источен плански регион и пошироката јавност, ги избираме вистинските приоритети.

Галерија

Инфо сесија за споделување на искуства и научени лекции од пилотирањето на конституирањето на Советот за социјална заштита во еден плански регион

Центарот за развој на Источен плански регион во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ финансиран од Швајцарската Конфедерација и Министерството за локална самоуправа, организираше инфо сесија за споделување на искуствата и научените лекции од пилотирањето на конституирањето на Советот за социјална заштита во еден плански регион. Формирањето на Совети за социјална заштита е предвидено да се реализира во сите плански региони во државата, согласно Законот за социјална заштита. На инфо сесијата присуствуваа претставници од секоја општина во рамките на планскиот регион, како и сите директори на центрите за социјална работа од подрачјето на Источниот плански регион. Инфо сесијата имаше за цел да ги презентира начините и чекорите кои ќе претходат на формирањето на регионалниот совет за социјална заштита, да ги претстави потребните документи кои ќе треба да бидат изработени, како и да ги запознае засегнатите страни со одговорностите и задачите за формирањето и функционирањето на ваквиот совет.

Галерија

Презентација на инструментот за поддршка Кoфинансирани грантови за комерцијализација на иновации на Фондот за иновации и технолошки развој

Бизнис Центарот при Центарот за развој на Источен плански регион заедно со Фондот за иновации и технолошки развој, oрганизираа инфо сесија за условите за аплицирање на отворениот јавен повик за инструментот за поддршка – Кoфинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Инфо сесијата се одржа на 30-ти aвгуст (понеделник) 2021 година со почеток од 10 часот преку платформа ZOOM.

Целта на инструментот е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научно-истражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) сѐ до пред-комерцијална (пред-пазарна) фаза. Дел од активностите кои ги поддржува Фондот се финансирање на: развој на пилот линии, производ или услуга, активности за тестирање и валидација, активности за тестирање.

Преку овој инструмент, Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува финансиска поддршка во максимален износ од 20.000.000,00 (дваесет милиони) денари и тоа:

  • за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 (педесет) вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 2.000.000,00 (два милиони) евра, финансирање до 70% од вкупниот буџет на проект односно
  • за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 (педесет) до 250 (двестотини и педесет) и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиони) евра, а помал од 10.000.000,00 (десет милиони) евра, финансирање до 60% од вкупниот буџет на проектот

Сите информации поврзани со јавниот повик се достапни на следниот линк:

https://fitr.mk/komercijalizacija2021/

Заинтересираните компании имаат можност да добијат бесплатна менторска поддршка во рамките на ваучерска шема обезбедена преку Бизнис центарот од Источен плански регион.

Со пополнување на апликацијата компанијата се стекнува со право за добивање на менторска поддршка и тоа на следниот линк: Апликација за менторска поддршка 3 во рамките на ваучерска шема обезбедена преку Бизнис центарот од Источен плански регион (google.com)

Галерија

Завршна прес конференција по проектот „Културен мост низ вековите“ во општина Белица

Центарот за развој на Источен плански регион на ден 30.08.2021 година во Народното читалиште „Георги Тодоров 1885“  во општина Белица ја одржа завршната прес конференција по проектот „Културен мост низ вековите“. На завршната прес конференција присуствуваа претставници од проектниот тим, општина Белица, медиуми, како и претставници на проектниот партнер од општина Штип, Република Македонија.

На завршната прес конференција беа претставени реализираните активности од проектот, како и резултатите од спроведените обуки и работилници. Градоначалникот на општина Белица г-н Радослав Ревански, градоначалникот на општина Штип д-р Сашко Николов и градоначалникот на општина Кочани г-н Николчо Илијев ја пресекоа црвената лента за отворањето на новото реконструираното Народно читалиште „Георги Тодоров 1885“ во Белица.

Посетителите го посетија Народното читалиште, и имаа можност да ја истражат Белица преку Информативниот киоск кој се наоѓа во Народното читалиште.

Домаќинот на настанот ги прошета гостите од Македонија во Паркот за танцувачки мечки како и во Rila Fun park.

Проектот „Културен мост низ вековите“ е кофинансиран од Европската Унија во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија – С. Македонија, се реализираше во период од 24 месеци, со вкупен буџет од околу 400.000 евра.

Галерија

Завршна прес конференција по проектот „Културен мост низ вековите„ во општина Штип

Центарот за развој на Источен плански регион на ден 27.08.2021 година во близина на реставрираната црква „Св.Власие“  во општина Штип ја одржа завршната прес конференција по проектот „Културен мост низ вековите“. На завршната прес конференција присуствуваа претставници од проектниот тим, општина Штип, медиуми, претставници од други културни институции од државата, како и претставници на водечкиот партнер општина Белица, Република Бугарија. На завршната прес конференција беа претставени реализираните активности од проектот, како и резултатите од спроведените обуки и работилници, како и инфраструктурните активности во двата прекугранични региони – реконструкцијата на Народно читалиште „Георги Тодоров 1885“ во Белица и конзервираната и реставрираната црква „Св.Власие“ во Штип. На завршниот настан беа презентирани и двата видео записи реализирани во рамките на проектот. Проектот „Културен мост низ вековите“ е кофинансиран од Европската Унија во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија – С. Македонија, се реализираше во период од 24 месеци, со вкупен буџет од околу 400.000 евра.

Галерија