Местоположбата на Источниот регион го опфаќа сливното подрачје на реката Брегалница, зафаќа 14% од територијата на Р. Македонија со површина од 3537 км2.

Регионот е поделен на 11 општини (Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип.), кои во поглед на урбанизираноста се поделени на 217 населени места од кои 209 места карактеризирани како рурални населби.

Овој регион од источната страна се граничи со Р.Бугарија, а комуникацијата со соседната држава се остварува преку граничниот премин  Делчево во општина Делчево. Постои можност за активирање на премините Клепало, Ајдутска чешма и Црна Скала.

Население и демографски карактеристики

Регионот има речиси четири пати помал пораст на населението во споредба со порастот на населението во земјата.

Вкупно бројот на жители во регионот изнесува 181.858. Густината на населеност изнесува 51 жител/км2. Меѓутоа, поради перманентниот процес на депопулација, голем е бројот на раселени села, села со големина од 100 жители и села со изразено висок индекс на стареење. Оваа состојба доведува до концентрирање на околу 66% од населението во градските средини.

Природни ресурси​

Климатските услови во регионот се поволни за развој на земјоделството а особено за производство на ориз. Оризовите ниви од Источниот регион покриваат околу 95% од вкупното производство на ориз во Република Македонија. Ораниците и бавчите како дел од обработливите површини учествуваат со 84%. Земјоделското земјиште зафаќа површина од 165.639ха т.е. 14% од вкупната земјоделска површина во земјата, а дури 88.075ха т.е. 53.1% се пасишта.

Од особено значење се повеќето минерални извори како и термалните води во Виничко (Истибања) и Штипско (Кежовица).

Од водените ресурси со најголемо значење е реката Брегалница каде постојат две високи брани на акумулациите ″Калиманци″ и ″Кочанско Езеро″. Источниот регион нема други поголеми водни ресурси па во иднина водоснабдувањето и наводнувањето треба да се решава со подигање на нови акумулации на реката Брегалница како и на другите реки (како на пр. Злетовица).

Вкупната површина која се наоѓа под шуми во регионот изнесува 135.378 ha односно 13% од вкупните шуми во Република Македонија, што е 38% од вкупната територија на регионот.

Од суровините и другите ресурси со кои располага овој регион, најважно економско значење имаат олово-цинканите руди од рудниците Злетово, Добрево и Каменица. Годишното производство на руда во овие рудници изнесува 1.000.000 тони.

Од неметалните оруднувања, најзастапени се азбестот, каолинските глини, опалска бреча, како и лежиштето на јаглен-лигнит ″Брик″ во Берово чија годишна експлотација изнесува 100.000 тони.

Доминантна земјоделска гранка во Источниот плански регион е поледелството и најважна жина култура оризот. Освен оризот, добра застапеност бележи и јачменот, пченицата и пченката што покажува дека постои солидна основа за сточарско производство. Поради одличните природни услови за развој на земјоделството, може да се заклучи дека оваа гранка има висок потенцијал да го забрза економскиот развој на овој регион. Исто така развиени гранки се и раноградинарството, овоштарството и лозарството.

Доминантна индустриска култура е и тутунот а, воедно Источниот регион е и најголем производител на компир во државата.

Голем потенцијал за развој и извоз постои кај сточарското производство, посебно овчарството и козарството. Потенцијалот е голем за развој на млечната и месната индустрија бидејќи дури 40% од свињарството во република Македонија се реализира во регионот.

Образование

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, е основан од страна на Собранието на Република Македонија на 27 март 2007 година. Во состав на Универзитетот се 13 факултети:

  1. Правен факултет – Кочани
  2. Економски факултет – Штип
  3. Земјоделски факултет – Штип
  4. Факултет за информатика – Штип
  5. Педагошки факултет – Штип
  6. Факултет за природни и технички науки – Штип
  7. Факултет за музичка уметност – Штип
  8. Факултет за медицински науки – Штип
  9. Електротехнички факултет – Штип
  10. Филолошки факултет – Штип
  11. Факултет за туризам и бизнис логистика – Штип
  12. Технолошко-технички факултет – Штип
  13. Машински факултет – Штип

Сообраќајна инфраструктура​

Патната мрежа во регионот е просечно развиена. Составот на локалната патна мрежа е просечна и има недостаток на инвестиции и финансиски средства.

Патна мрежа во Источен плански регион

 Главни патни правци кој што го поврзуваат регионот со другите региони во земјата се државниот пат А3 (Велес – Штип – Кочани – Делчево – Граница со Бугарија) и државниот пат А4 (Свети Николе – Штип – Струмица). Во тек е изградба на автопат на дел од државниот пат А3 Свети Николе – Штип, со што овој регион ќе се поврзе со модерна патна врска со Скопје. Истовремено се врши реконструкција и надградба на делницата Велес – Кадрифаково од државниот пат А4. 1.8.2. Железничка мрежа во Источен плански регион

Во Источниот плански регион е лоциран дел од железничката линија Велес – Кочани. Вкупната должина на оваа железничка линија изнесува 70 км. Железничката мрежа е составена од едноколосечна пруга по која сообраќаат возови од двете насоки. Ширината на колосекот на севкупната мрежа изнесува 1.435 мм. Железничката мрежа на Р. Македонија е поврзана со железничките мрежи на Р. Србија, Р. Грција и Р. Косово.

Воздушен сообраќај

Во Источниот регион постои еден спортски аеродром во близината на Штип и едно леталиште за стопанска авијација „Лакавица“. Спортскиот аеродромот е оддалечен 4км северо-западно од градот Штип. Наменет е за воздухопловно-спортски активности. Полетно-слетна патека: 14/32 со димензии 1000х100м. Пистата е тревната и не е опремена со светлосна сигнализација за употреба во ноќни услови. На овој аеродром можат да оперираат воздухоплови со максимална тежина до 5700 кг. Комерцијални и карго летови се остваруваат преку двата национални аеродроми: Аеродром „Александар Велики“ – Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле-Охрид.

Енергетска инфраструктура

Во Источниот плански регион се лоцирани две хидро-електрични централи – Калиманци и Зрновци. Со изградба на хидро системот Злетовица создадени се услови за производство на електрична енергија преку планираните мали ХЕЦ на системот Злетовица, реката Брегалница и нејзините притоки: Оризарска, Зрновска и Кочанска река. Покрај ова, идентификувани се неколку локации за изградба на мали хидроцентрали.

Значајна улога во обезбедувањето на електрична и топлинска енергија во Источниот плански регион имаат и обновливите извори на енергија. Покрај хидроенергијата, тука се вбројуваат соларната енергија, геотермалната енергија, биомасата и ветерната енергија. Поради природните предуслови, регионот има можност за користење на соларната енергија, ветерот и биомасата. Геотермалната енергија може да биде од исклучително значење за развивање на земјоделството во Источниот плански регион. Во Кочанскиот регион постои можност за користење на геотермалната енергија за затоплување во зимскиот период и за загревање на раноградинарските земјоделски посеви под пластеници.

Бизнис заедница

Значењето на малите и средните претпријатија во производството и отворањето на нови работни места е од голема важност, со интензивниот раст во последните неколку години, малите и средни претпријатија полека го превземаат приматот на најголем производител во нефинансискиот сектор, тие доминираат со 72% во Источниот регион.

Индустријата во однос на вработувањето учествува со 67%.

Природно и културно наследство

Во Источниот регион познати археолошки локалитети се: Виничко Кале и Баргала.

Природното наследство е исклучително богато со што се отвара можноста за развивање на руралниот туризам.

Доказ за богатото природно наследство и можноста за негово искористување се неколку природни резервати Готен, Линак, Малеш, Зрновска река, Река Уломија, потоа споменици на природата Звегор, Пештера Коњска Дупка, Мородвис, Мачево, Црна Топола и голем број на села.